Wednesday, November 14, 2012

Меѓународен ден на писателите во затвор


Поетики - Канцеларијата на потпретседателот на Меѓународниот ПЕН и на Уредништвото на Разноликост - Колекцијата на поезија, фикција и есеј на Меѓународниот ПЕН по деветти пат свечено го одбележува Меѓународниот ден на писателите во затвор на 15 ноември, во Кинотека на Македонија со почеток во 13 часот,.
На свечениот настан јавно ќе бидат презентирани беседите на Александар Станојков, Николина Стојанова, Костадин Героски, Даниел Карески, Доан Сулејманоски и Мане Манушев селектирани од Конкурсот „Ослободи го зборот“, а со свои песни ќе настапат и поетите Џабир Дерала, Владимир Мартиновски и Иван Шопов. Со своја поздравна беседа настанот ќе го отвори поетот Ѓоко Здравески а ќе го поздрави и господинот Ристо Лазаров, претседател на Македонскиот ПЕН . Настанот ќе го води и модерира Бела Глигорова а свечено ќе го затвори академик Катица Ќулавкова, потпретседател на Меѓународниот ПЕН и главен уредник на Колекцијата Разноликост.
Со овој свечен настан Канцеларијата на потпретседателот на Меѓународниот ПЕН уште еднаш ја потенцира и застапува потребата од слобода на говор, но преку ослободување на креативниот и убаво напишан збор, кој создава светови, надминува граници и збижува народи. Со овој свечен настан на кој му претходеше Конкурсот за беседи на тема „Ослободи го зборот“, Поетики и Колекцијата Разноликост и официјално се приклучуваат кон фестивалот Free the Word кој во 2008 година во Лондон беше основан од Меѓународниот ПЕН. Фестивалот цели кон зближување на писателите од целиот свет за споделување на идеи и искуства, иницирање на интеркултурни дијалози за тоа како книжевноста може да се трансформира, влијае и постои, цели кон придонесување кон протокот на книжевноста низ светот преку превод и промоција на пишаниот збор, претставување пред книжевната публика на веќе докажаните но и на новите писателски гласови. Цел на фестивалот е и започнување на неизбежниот дијалог меѓу читателите и писателите.
Меѓународниот ден на писателите е основан на иницијатива на Комитетот на писатели во затвор при Меѓународниот ПЕН и традиционално се слави од 1981 година. Секоја година Комитетот на писатели во затвор преку своите проекти се обидува да ја зголеми јавната свесност за потребата од слобода на изразот и слобода на писателискиот збор. Во исто време Комитетот се залага за ослободување на сите писатели кои завршиле во затвор поради напишан збор.

No comments:

Post a Comment