Saturday, December 3, 2011

Живот, слобода и сигурност!

УНИВEРЗAЛНA ДEKЛAРAЦИJA ЗA ЧOВEKOВИTE ПРAВA

Члeн 3

Секој има право на живот, слобода и сигурност.


Живот, слобода и сигурност!
 
Дарот на животот кај секој поединец сам по себе повикува барање да се опстои и да се води живот ослободен од опасност и неизвесности.
Уважувањето на правото на живот претставува основа на човековата цивилизација и неговата заштита е апсолутна и безусловна. Уставите на државите ширум светот го препознаваат ова право и сите цивилизирани народи нудат заштита на правото на живот во своите законодавства, признавајќи го човековиот живот за највисока вредност во општеството. Смртната казна е укината во најголем дел од демократските држави, а посегнувањето кон туѓиот живот се смета за капитално кривично дело.
Правото на живот во својата суштина вклучува две димензии: право на себеодржување и слободно располагање со својот живот од една страна, но и забрана да се посега по туѓиот живот. Привилегијата да се биде човек и да се ужива ова право во себе вклучува одговорност за својот и за животот на другите.
Оружјето, насилството, говорот на омраза се главните фактори кои водат кон обезвреднување на човековиот живот и достоинство и негирање на ова право. И денеска, по повод одбележувањето на Член 3 од Универзалната декларација за човековите права, апелираме до институциите да обезбедат построга контрола на оружјето. Исто така, апелираме на воздржување од постапки и изјави со кои се поттикнува говорот на омразата и насилство.
Нека овој месец биде месец кога ги славиме животот, слободата и сигурноста на секој поединец! Нека ова бидат денови кога ќе се потсетиме на тоа дека сите сме луѓе, еднакво слободни и еднакво вредни, сите обдарени со право да уживаме во животот, слободно и сигурно!

Александар Богданоски
Програмски асистент, Цивил – Центар за слобода


 
РАЗБИРАЊЕ НА СЛОБОДАТА

Личното прифаќање на дефинициите и бескомпромисната заложба за нивната примена, според мене, е суштинска одлика и квалитет на човекот. Поимањето на слободата и тежнеењето кон неа подразбира откажување од конформизмот и опортунизмот.
Јас ја разбирам и ја прифаќам дефиницијата на слободата која произлегува од Универзалната декларација за човекови права и други релевантни меѓународни документи како што е Конвенцијата за заштита на човековите права и фундаменталните слободи. Тоа не се апстрактни четива на полиците во библиотеките, туку реални и конечни текстови кои важат и ме засегаат мене и секој мој сограѓанин на светот.
Слободата е општа состојба на ултимативен респект за човековите права и слободи на секоја индивидуа, група или заедница во светот. Тоа е состојба во која системот на владеење во потполност е потчинет на потребите, интересите и стремежите на секоја индивидуа, група или заедница едно општество на слободни луѓе. Слободен свет е свет заснован на солидарност и меѓусебна почит меѓу сите луѓе. Слободата од страв од било кој вид е иманентна. Добробитта на секое човечко суштество е задача секое слободно општество и обврска е да се постигне со сите средства на сите општествени и владини нивоа.
Џабир М. Дерала
Претседател на Цивил – Центар за слобода






Меѓународен ден на лицата со хендикеп
На 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со хендикеп, Цивил се придружува кон повиците за доследно и трајно придржување и исполнување на конвенциите и стандардите за почитување на правата на лицата со хендикеп. Напуштање на практиките на игнорирање на проблемите со кои се соочуваат лицата со хендикеп и трајно надминување на предрасудите и кршењето на човековите права на лицата со хендикеп. Воедно, ја повикуваме државата, но и бизнис секторот на општествена и корпоративна одговорност да отворат работни места за лицата со хендикеп и со тоа да им овозможат вистинска интеграција во општеството.






ИЗВАДОК ОД СТАТУТОТ НА ЦИВИЛ

ВИЗИЈА И МИСИЈА

Член 1
ЦИВИЛ – Центар за слобода (во понатамошниот текст само ЦИВИЛ) e непрофитно здружение на граѓани, формирано со слободно здружување заради остварување на својата мисија од општествен интерес.

Член 2
Визијата на Цивил е за свет во кој сите луѓе живеат во мирно и демократско општество, во кое:
-  почитувањето на човековите права е потполно и секој поединец ужива во нив;
-  оружјето и насилството се елиминирани;
-  дискриминацијата и шовинизмот во било кој облик се решително санкционирани;
-  екологијата и заштитата на животната средина се основни критериуми за развојот;
-  слободата на говорот и на медиумите се развиваат во согласност со хуманата димензија на општеството;
-  културата и уметноста се составен дел од секојдневието на општеството.
Наведените ставови се практикуваат во неделива форма.




1 comment: