Saturday, December 10, 2011

Право на судење

УНИВЕРЗАЛНА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА, Член 10: Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него.
Објективноста и праведноста на пресудата која судот ќе ја донесе во даден случај е директно условена од фактот дали тој е независен и непристрасен. По дефиниција, судот работи совесно и професионално и во својата работа се води единствено од уставот и законите. Ваквиот режим сам по себе подразбира грижа и почитување на човековите права и достоинство и забрана за дискриминација по било кој основ.
Правото на одбрана, пресумпцијата на невиност, ефикасните правни средства и сите други можности за заштита на правата на индивидуата е невозможно да се остварат доколку тие однапред бидат хендикепирани и спречени заради необјективноста и пристрасноста на судот. Неефикасното и корумпирано судство е болест на општеството, тоа кочи секаков развој и го отежнува остварувањето на основните човекови права. Кога се во прашање обвиненијата за кривични дела, потенцијалната штета е уште поголема поради сериозноста на ваквите процеси и санкциите со кои се соочуваат обвинтетите.
Судството е трајно болна тема во македонскиот правен систем. Работите кои граѓаните треба да ги обават пред судот редовно асоцираат на долготрајни и исцрпувачки процеси и кои неретко завршуваат со неправедна пресуда и грубо кршење на правата и достоинството на граѓаните. Можеме да просведочиме секакви негативни појави: од јасно прекршување на пресумпцијата на невиност, па се до најгруби обиди за подмитување судии, политички притисоци, закани и заплашувања. Ова единствено придонесува за намалување на угледот на судството и претставува директен напад на судската власт како битен фактор во секое демократско општество. Па така, наместо судот да биде институција пред која секој ќе излезе да ги заштити своите права, појавувањето пред суд неопходно значи стрес и можно нарушување на угледот и достоинството на индивидуата. Последиците, се разбира, ги чувствуваме ние како граѓани најнепосредно. Но уште повеќе, ваквите појави придонесуваат до валкање на имиџот на оние кои чесно и доследно ја вршат својата работа во судството, но за жал се ретки и изолирани случаи.
Не сакаме судски систем во кој предност има тој што е во можност да понуди повеќе мито! Не ни треба суд пред кој владее законот на посилниот! Денеска, на 10ти декември, Денот на човековите права праќаме барање за безусловно почитување на човековите права преку почитување на уставот и законите! Непристрасно и независно разгледување на вашиот случај не е никаков комодитет или привилегија – тоа е ваше право!
Александар Богданоски
Програмски асистент, Цивил – Центар за слобода

No comments:

Post a Comment