УНИВЕРЗАЛНА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА, Член 8: Секој има право на ефикасен правен лек пред надлежните судови во државата против акти со кои му се повредени основните права пропишани со уставот или законите.
Секој кој смета дека со одлука на суд или на друг државен орган му е нанесена неправда, може да ја нападне таа одлука, барајќи истата да биде повторно испитана од суд или надлежен државен орган од повисока инстанца. Ова право практично се остварува преку поднесување на жалба, со која лицето кое смета дека му е повредено некое фундаментално право го изразува своето незадоволство од одлуката.
Правото на ефикасен правен лек, односно жалба претставува еден од најосновните и најважните начини преку кои граѓаните можат да ги заштитат своите права пред државата. Жалбата како таква, претставува барање насочено кон институцијата која го донела актот истиот да го довери на преиспитување пред повисок орган кој врз основа на поднесените докази ќе одлучи по него. Но сепак, да се нападне веќе донесената одлука не е прашање единствено на гордост и храброст. Жалбата мора да биде фактички и правно заснована и јасно да укажува на пропустот направен од првостепениот орган.
Кога луѓето не се задоволни од одлуката сметајќи дека некое нивно право било прекршено, често пропуштаат да ги заштитат своите интереси поради правна неинформираност. Во ваков случaj, се потврдува аксиомата ignorantio iuris nocet (непознавањето на правото штети). Исто така, односно луѓето се оштетени и обесправени поради немарноста и несовесноста на институциите.
Можноста одлуката од прв степен да биде преиспитана никако не може да биде основ за несовесно постапување на судовите и другите институции на системот. Тие мораат да имаат предвид дека правата на граѓаните се исклучително чувствителна категорија и долгите и исцрпувачки процеси никако не смеат да бидат замена за нив!
Правното средство ќе биде ефикасно и ќе произведе резултат само ако биде разгледувано од непристрасен и независен државен орган, кој ќе работи воден само од уставот и законите.
Реалноста дава сосем поинаква слика за независноста на македонското судство. Наместо тоа, македонските судови се подложни на корупција и постојан притисок од најразлични групи и поединци.
Но, тоа не смее да ве обесхрабри. Информирајте се кои се вашите права и дознајте што повеќе за начинот на кој може да ги заштитите! Користете ги можностите кои ги пружа законот и заштите го својот интерес. Кренете го гласот секогаш кога ќе ви биде нанесена неправда, бидејќи тоа е ваше право!
Александар Богданоски
Програмски асистент, Цивил – Центар за слобода
No comments:
Post a Comment